https://scontent.fskp4-1.fna.fbcdn.net/v/t39.30808-6/289310291_590090802488892_964739144361751519_n.jpg?_nc_cat=104&ccb=1-7&_nc_sid=8bfeb9&_nc_ohc=vAdX5myvv30AX_717lL&_nc_ht=scontent.fskp4-1.fna&oh=00_AT_Ep-Ql_GOzXxUURu4l7EjEs87-oqjoTpIJ2UAE2jBbgg&oe=62D38E2B

03.11.2022 Скопје

Во текот на вчерашниот ден, пратениците и од власта и од опозицијата со 67 гласови „ЗА“, без ниту еден глас „ПРОТИВ“, ниту „ВОЗДРЖАНИ“, ги изгласаа измените на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и на Законот за политички партии, поднесен од СДСМ, со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња.

Предложените законски измени на двете партии уследија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов” на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети” на 7 октомври во Охрид.

Со измените на двата закони се предвидува отфрлување на фашизмот, нацизмот и национал-социјализмот во сите општествени форми на здружување. Со усвоените измени, сите досега формирани здруженија и фондации, како и политички партии, имаат рок од три месеци да се усогласат со новите законски измени.

Рашела Мизрахи, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, во образложение за измените на Законот за здруженија и фондации истакна дека во последните осум месеци сме сведоци за обиди на ревидирање и извитоперување на историските вистини во државата. Воедно, додаде дека човештвото се уште носи лузни од геноцидот и етничкото чистење, расизмот, антисемитизмот и ксенофобијата, а меѓународната заедница како и сите пратеници имаат голема одговорност во спречување на овие зла, објаснувајќи дека страшната вистина за фашизмот и нацизмот мора сите заедно да ја браниме од оние коишто ја негираат.

Според Мизрахи, мора да се зајакне моралната и политичката посветеност на Владата и институциите во Република Северна Македонија за да се обезбеди можност за идните генерации да ги разберат причините за пандемијата на омраза и лудилото од Втората светска војна, во која Република Северна Македонија даде повеќе од 25.000 жртви. Токму од овие причини, како што изјави Мизрахи, ќе се донесе мал, навидум незначителен закон, што ќе биде употребен за да го заштити антифашистичкото минато, и историската вистина на нашата земја.

Мизрахи најави дека ќе разгледуваат и други закони каде што ќе треба да се интервернира, како што е Законот за трговски друштва.

Пратеничката Соња Мираковска од НСДП истакна дека во потполност го поддржуваат предлогот на опозицијата за измените на овој закон и како владејачка партија учествуваат во изработката на овој закон за да стане пооперативен и практично го носат заедно.

Според Мираковска, после се она што се случуваше е исклучително важно да се оградат од такви случувања, да не се дозволи да се формираат такви здруженија во државава, и токму ова е начинот како може да се стави браната.

Снежана Калевска, пратеничка од СДСМ, во образложението за измените и дополнувањата на Законот за политички партии истакна дека и двата закона имаат една иста цел, а таа цел произлегува и од членот 20 од Уставот, но се надополнува на она што значи предизвици на новите времиња, што придонесуваат да се создаде потребата од ваквите измени, и целта на предлог законот што содржи две одредби е зголемување на транспарентноста и дистанцирање од се она што значи фашизам, нацизам, национал-социјализам и гарантирање на правната сигурност на граѓаните, својствени на една демократска, цивилизирана и правна држава.

Со усвоените измени и дополнувања, во Законот за здруженија и фондации членот 4, став 2 се менува и гласи „Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Северна Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица”.

Во новиот став во членот 8 од Законот стои дека како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по кој било основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх.

Според Законот, за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира самиот министер.

Во преодните и завршните одредби на измените и дополнувањата на Законот е наведено дека организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување регистрирани, согласно одредбите на Законот за здруженија, се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно одредбите од овој закон, пред Централниот регистар.

Здруженијата и фондациите регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат одредбите согласно став 1 од овој член, се бришат од Регистарот, за што министерот за правда донесува одлука.

Министерот за правда е должен да донесе одлука за престанок на истите, во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на овој закон.

Во предложениот текст за измените на Законот за политички партии стои дека ќе се овозможи поголема транспарентност, како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава.

Со членот 1 се допрецизира одредбата за програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии да не можат да бидат насочени кон разгорување на национална, расна или верска омраза, нетрпеливост, етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх.

Со членот 2 се дополнува членот 16 со два нови става во кои е уредено дека: (4) Статутот на политичката партија не смее да содржи одредби кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх.

Пред неколку дена, Владиното советодавно тело за употреба на имиња на историски личности го оцени како негативно барањето за регистрирање на клуб со името на Цар Фердинанд.

Како што ја изјави претседателот на телото Бобан Петровски, ова тело излезе со став дека нема позитивно мислење за да се формира културен клуб со ова име, со оглед на тоа што самата средина во македонската историја, како и во перцепцијата на македонските граѓани не е позитивна личност.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author