https://www.facebook.com/photo/?fbid=693422205481465&set=pcb.693423062148046

09.11.2022 Скопје

Иако го изгубија мнозинството во Претставничкиот дом, демократите како голема изборна победа го прославуваат нерешениот исход од битките за контрола на Сенатот, особено откако ги совладаа републиканците на клучното бојно поле, сојузна држава Пенсилванија.

Пресвртот во односот на силите во Претставничкиот дом во полза на републиканците беше очекуван, бидејќи гласачите вообичаено на сите парцијални избори не ѝ изразуваат поддршка на партијата на актуелниот претседател. Така беше и во мандатите на поранешните претседатели Барак Обама и Доналд Трамп.

До вчера попладне, односот на силите во Сенатот беше 48-48, со мала разлика во гласови меѓу кандидатите во Аризона, Висконсин, Невада и Џорџија.

Републиканските кандидати беа во блага предност во Невада и во Висконсин, демократскиот водеше во Аризона, а најнеизвесно беше во Џорџија, каде што 2 отсто од гласовите за кандидатот на либертаријанците придонесоа ниту еден од главните кандидати да не освои повеќе од 50 отсто од гласовите.

При таков исход, демократскиот сенатор Рафаел Ворнок и републиканскиот предизвикувач Хршел Вокер повторно ќе се соочат на прегласување на 6 декември.

Најголемото разочарување за Трамп, а и за републиканците воопшто, беше поразот на нивниот кандидат, популарниот телевизиски лекар Мехмет Оз, на изборите за сенатор од Пенсилванија. Сенаторското место го освои Џон Фетерман, со што демократите им ја „грабнаа“ на републиканците клучната сојузна држава каде што во 2024 година може да се решава и исходот од претседателските избори. Освојувањето на Пенсилванија им овозможи на демократите да останат во трката за мнозинството во Сенатот.

Неуспехот на неговиот клучен кандидат, докторот Оз, му ги расипа плановите на Трамп во Мар-а-Лаго да биде „крунисан“ како иден претседателски кандидат на републиканците. Вториот удар пристигна од Флорида, каде што гувернерската функција со убедливо мнозинство гласови ја задржа попопуларниот републиканец Рон Десантис.

Неколку часа пред да пристигнат резултатите од Флорида, Трамп оцени дека неговиот ривал би направил грешка ако реши да се вклучи во трката меѓу републиканците за претседателски кандидат.

Десантис, во триумфалното обраќање, остави впечаток дека воопшто не е вознемирен од предупредувањата на Трамп.

Трамп истакна дека нема никаков спор со новиот политички противник и се обиде да го минимизира како сериозен ривал. Воедно, најави дека брзо и остро ќе ја почне кампањата за претседателските избори, истакнувајќи дека на 15 ноември ќе следи „важна објава“ на Флорида, која ја смета за „своја“ сојузна држава, но и во која Десантис победи со разлика каква што не остварил ниту еден републикански кандидат.

Не се отфрла ни целосно можноста Трамп да го привлече Десантис да му биде партнер во кампањата и кандидат за потпретседател на изборите во 2024 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author