shengen

19.11.2022 Скопје

Австриското Министерство за внатрешни работи соопшти дека земјата се противи на укинување на проверките на границите на Бугарија, Хрватска и Романија, кои се членки на ЕУ.

Илва Јохансон, еврокомесарката за внатрешни работи, официјално предложи трите земји да се вклучат во безвизната европска Шенген зона, во која нема гранични проверки.

Австрија во моментов се соочува со зголемен број бегалци, кои пристигнуваат низ други земји на ЕУ по таканаречената „Балканска маршута” за влез во земјава.

Според податоците на австриското МВР, од почетокот на годинава до австриската граница стигнале над 90.000 лица. Од нив, 75.000 не биле претходно регистрирани во ниту една друга земја на ЕУ.

Гласањето за пристапување на трите земји во Шенген зоната е закажано за 8 декември. Одлуката мора да биде донесена едногласно.

Бугарија, Романија, Хрватска, Ирска и Кипар се единствените земји од ЕУ кои не се дел од Шенген зоната, додека во зоната се земји кои не се членки на ЕУ, како Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.

Во Шенген зоната, која обединува 26 земји, во голема мера нема гранични проверки, а тоа им овозможува на луѓето да патуваат, работат и живеат во друга земја без визи или дозволи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author