kuche vo bus

11.11.2022 Скопје

ЈСП „Скопје“ ќе треба да одлучи дали граѓаните што имаат миленици ќе можат со нив да се возат во автобус, доколку кучето или мачето се превезуваат во транспортери, и во кабините на Жичницата и без транспортер.

Оваа иницијатива беше доставена до Управниот одбор и до директорот на претпријатието од „Зелен хуман град“.

Поднесената иницијатива е поставена на платформата за директна демократија „Мој град“ и е вториот најгласан предлог откако постои платформата со 1.657 гласови „ЗА“ и 31 глас „ПРОТИВ“ дадени до 6 ноември 2022.

Според „Зелен хуман град“, големата разлика на гласовите за и против укажува на потребата кај голем дел од граѓаните да се овозможи пристап на нивните миленици во возилата на ЈСП, секако во согласност со законите.

Законот за безбедност на сообраќајот во првиот став од член 168 вели дека „во просторот на возилата во кои се врши превоз на лица, не смее истовремено да се превезуваат животни“, а во следниот став се прецизира дека „по исклучок од ставот 1 на овој член, во патничко возило можат да се превезуваат животни само во посебно изработени заштитни кутии“.

Од „Зелен хуман град“ сметаат дека иницијативата е во согласност со овој закон и дека откако ЈСП претходно донело одлука за слободен пристап на кучиња придружници, ова би било следниот логичен чекор.

Според Горјан Јовановски, советник во Советот на Град Скопје од „Зелен хуман град“, иницијативата се однесува за превоз на мали миленици, затоа што само тие можат да се превезуваат во транспортер, што во овој момент е она што го дозволува законот.

Од „Зелен хуман град“ сметаат дека со оваа иницијатива се охрабрува одговорно сопствеништво, се овозможува еднаков третман на граѓаните што чуваат миленици, а се штити нивниот и така веќе драстично ограничен буџет. Според нив, усвојувањето на една ваква одлука ќе го доближи Градот поблиску до целта да го направи јавниот превоз примарен превоз за граѓаните, ќе создаде позитивна слика кај јавноста за претпријатието, ќе го прикаже како јавен сервис на граѓаните, кој е во чекор со позитивните промени што се дел од природниот процес на напредок на општествата.

Поднесената иницијативата е предлог на Асоцијацијата за згрижување и вдомување бездомни животни „Бездомни животни без граници“, кој беше поставен на гласање на платформата „Мој град“.

Коментарите на граѓаните на социјалните мрежи покажуваат дека сите не се согласуваат дека е во ред во автобус да се возат и домашни миленици. Некои од нив нагласуваат дека кучињата би можеле да лаат, да се вознемират од бучавата и од метежот, да ги извршуваат своите физиолошки потреби во автобус. Некои укажуваат дека има луѓе што се плашат од кучиња или се алергични на мачки и предупредуваат дека сето тоа може да резултира и со непријатни сцени, особено кога автобусите се преполни во периодите кога луѓето одат или се враќаат од работа.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author