02.11.2022 Скопје
Денеска, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина ги потврди и објави резултатите од општите избори одржани на 2 октомври годинава.
Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина соопшти дека одлуката за потврдување на резултатите за сите изборни нивоа е донесена, откако Апелациониот оддел на Судот на Босна и Херцеговина ги отфрли или ги оцени како неосновани жалбите на политичките партии на претходно објавените изборни резултати и барањето на опозициските партии за „поништување на изборите во Босна и Херцеговина”.
На 27 октомври, Централната изборна комисија ги утврди резултатите од изборите за сите нивоа на власт, освен за претседателот на Република Српска, бидејќи опозициските партии од тој ентитет на Босна и Херцеговина поднесоа жалба до Судот на Босна и Херцеговина, наведувајќи дека има „огромни нерегуларности” на тоа изборно ниво, поради што побараа поништување на изборите.
Откако нареди пребројување на гласовите за претседател и потпретседатели на РС, Централната изборна комисија на 27 октомври објави дека Милорад Додик е избран за претседател на Република Српска, а Давор Прањиќ и Ќамил Дураковиќ се избрани за потпретседатели од редовите на хрватскиот и бошњачкиот народ.
Централната изборна комисија со денешната одлука ги потврди тие изборни резултати.
Како што наведоа од Централната изборна комисија, од денеска течат официјалните рокови за формирање влада на сите изборни нивоа.
На 2 октомври, граѓаните на Босна и Херцеговина гласаа за членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, државниот парламент, претседателот и потпретседателите на Република Српска, Народното собрание на Република Српска, парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина, како и собранијата на десет кантони во Федерацијата Босна и Херцеговина.
За нови членови на Претседателството на Босна и Херцеговина се избрани Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ.
Подготвено од А.Ѓ.