grcija i makedonija znaminja

29.11.2022 Скопје

„Центарот за македонски јазик“ во Грција објави дека е официјално регистриран како невладина организација од страна на судските власти во Грција.

Хронологијата на овој историски настан за македонскиот јазик во Грција започнува со барањето за регистрација на организацијата, кое беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година. Одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.

Последните административни работи поврзани со регистрацијата беа завршени минатата недела, при што судот официјално го одобри и статутот на организацијата.

„Центарот за македонски јазик“ во Грција упатува јавна благодарност до адвокатот Кирос Спондис, за успешното окончување на целата постапка околу регистрацијата и впишувањето на нашата организација во судскиот регистар на невладини организации.

Во случајов станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи. Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција. Воедно, значаен е и фактот што судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик, при тоа користејќи го и македонското кирилично писмо.

Одлуката на судот претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година, кога ќе потсетиме дека македонскиот јазик бил наведен како јазик што го зборува дел од населението во одредени региони.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author