22.11.2022 Скопје
Преодната влада на Бугарија и Лукоил Нефтохим Бугарија се согласија дека може да продолжи да работи и да извезува нафтени деривати во ЕУ до крајот на 2024 година, се додека целосно ги плаќа даноците, и покрај предупредувањата на Европската комисија дека тоа ќе го прекрши режимот на санкции на блокот.
Според вицепремиерот за економска политика, Христо Алексиев, промената ќе доведе до дополнителни 350 милиони евра во државниот буџет. Алексиев истакна дека од 1 јануари 2023 година, Лукоил целото производство, приходи и даноци ќе ги префрли во Бугарија, а не како што беше досега во Холандија или Швајцарија.
Од раководството на руската компанија соопштија дека во рок од една недела, откако Бугарија ќе ги усвои релевантните правни акти, надзорот на Лукоил ќе донесе одлука да се префрли на шема во која ќе ја пренесе својата реална добивка од преработката на нафта во Бугарија.
Договорот изгледа добро за Лукоил, бидејќи тој, де факто, ќе ја направи Бугарија база за делумно избегнување на европското нафтено ембарго.
Во својот пакет санкции од јуни, ЕУ забрани купување, увоз или трансфер на руска сурова нафта од 5 декември 2022 година и други рафинирани нафтени производи од 5 февруари 2023 година од Русија.
Сепак, Бугарија доби отстапка „поради нејзината специфична географска изложеност“ и ќе може да продолжи да увезува сурова нафта и нафтени деривати преку поморски транспорт до крајот на 2024 година.
Европската комисија веќе објави дека Лукоил не може да извезува нафтени деривати произведени од руска нафта од Бугарија, но преодната влада тврди дека ставот на Брисел бил погрешно протолкуван од бугарските медиуми, соопшти Министерството за финансии во октомври. Министерството укажа на исклучок што ги ослободува „рафинираните нафтени производи произведени во трета земја врз основа на руска сурова нафта и извезени во друга земја или трета земја“ од санкции „бидејќи се произведени надвор од Русија“.
Со други зборови, бензинот и дизелот произведени од руска сурова нафта надвор од блокот, кои инаку ги следат правилата поддржани од ЕУ, како што е претстојното ограничување на цената на нафтата во Русија, можат да влезат на единствениот пазар. Сепак, владата не понуди детали за начинот на кој владее.
Во меѓувреме, преодната влада во Софија има намера да го укине указот на претходната влада на Кирил Петков, со кој се забранува извоз на горива произведени од руската рафинерија во Бугарија по 5 декември. Ова ќе и овозможи на руската компанија да продолжи да работи во Бугарија во сегашниот режим до крајниот рок до 31 декември 2024 година, кога истекува специјалното отстапување за Бугарија.
Компанијата долго време е трн во окото на бугарските власти. Во септември, Комисијата за заштита на конкуренцијата го обвини Лукоил Бугарија дека ја злоупотребува својата доминантна позиција со примена на „стискање на цените“ за трговијата на големо со горива во Бугарија.
Лукоил Нефтохим Бугарија, која се приклучи на групацијата Лукоил во 1999 година, е најголемата рафинерија за нафта на Балканот. Сместена во црноморското пристаниште Бургас, рафинеријата е изградена така што може да ја рафинира само руската нафта и другите ретки видови нафта од Блискиот Исток.
Сепак, и покрај доминантната позиција на пазарот, помеѓу 2006 и 2020 година, компанијата пријавила добивка само во 2007, 2016 и 2017 година, пријавувајќи загуби во сите други години. Во последниот извештај на компанијата, објавен во 2020 година, компанијата објави загуба од над 255 милиони евра.
Компанија посредник во трговијата со нафта за Бугарија е швајцарската компанија „Литаско“, која е мнозински акционер во „Лукоил Нефтохим Бугарија“, која купува сурова нафта од руски Лукоил и ја продава на рафинерија во Бугарија. На овој начин се избегнува плаќањето даноци во Бугарија, а поголем дел од добивката останува во Русија.
Руската компанија соопшти дека се обврзува да ги зголеми приходите во бугарскиот буџет под четири услови – зачувување на макроекономската средина, фабриката да работи со максимално оптоварување, користење на руската нафта „Урал“ и укинување на забраната за извоз на нафта.
Вицепремиерот Христо Алексиев вели дека нема причина Бугарија да не профитира економски од ситуацијата и да загуби дополнителни приходи од буџетот.
Парите треба да дојдат од 10% корпоративен данок на реалната добивка на рафинеријата плус задржување на привремен солидарен придонес од 33% на разликата во даночната добивка за 2022 година. Вицепремиерот предупреди дека доколку извозот на нафтени деривати од Лукоил не е дозволен, компанијата ќе размислува за затворање на рафинеријата.
Извршниот директор на „Лукоил Нефтохим Бургас“, Илшат Шарафутдинов, истакна дека воделе „конструктивни преговори“ со бугарската влада. Тој коментира дека е фер даноците од активностите на компанијата да останат во Бугарија. Воедно, додаде дека фабриката во Бургас работи според оваа шема од 2020 година за да може финансискиот приход да остане во Бугарија, објаснувајќи дека економската реалност оттогаш не дозволуваше толку вишок профити. Шарафутдинов додаде и дека по промената на деловната шема, мора да се зачуваат макроеконосмките услови, а друг важен услов е фабриката да биде максимално натоварена со руска нафта.
Подготвено од А.Ѓ.