01.11.2022 Скопје
Украсувањето и осветлувањето за божиќните и новогодишните празници во Солун ќе биде на 7 декември, а светилките ќе се исклучуваат во 1 часот по полноќ со цел да се заштеди енергија.
Константинос Зервас, градоначалникот на Солун, за време на општинскиот совет го претставил планот за празниците и посочил дека се преземени мерки за значително намалување на потрошувачката на енергија, но сепак нагласил дека општината во никој случај нема да го остави градот во мрак, ненакитен и без сјај.
Со цел да се постигне голема заштеда на енергија за време на празничниот период, градоначалникот Зервас соопштил дека осветлувањето на празничното украсување на градот ќе биде на 7 декември, а не на крајот на ноември, а празничните светилки ќе се гасат во 1 часот по полноќ со помош на специјални паметни системи за осветлување и користење на лед светилки.
Дополнително, Зервас објаснил дека оваа година потрошувачката на енергија за празничното осветлување на градот ќе биде за 58 отсто помала во однос на 2021 година. Воедно, додал дека целта е за време на празничниот период, Солун да го претворат во дестинација за посетители од Грција и странство, а паралелно да го разубават и да ја дадат онаа празнична атмосфера што му одговара на град со амбиција, оптимизам, на динамичен европски град.
Подготвено од А.Ѓ.