Image by freepic.diller on Freepik

24.11.2022 Скопје

Скијачките центри на Јахорина и Бјелашница кај Сараево се подготвени за новата зимска сезона и очекуваат многу гости од Хрватска, сметајќи на тоа дека ќе ги привлечат поевтините цени во однос на другите познати скијачки центри.

Скијачкиот центар Јахорина оваа сезона ја дочекува со 47 километри разновидни патеки, меѓу кои 8,5 осветлени, цврст вертикален превоз кој може да превезува повеќе од 28 илјади скијачи на час и дополнителни сместувачки капацитети. Хрватите со години се многубројни гости на овој скијачки центар.

Веќе од ноември дел од патеките се во функција благодарение на новиот систем за вештачки снег кој може да функционира независно од надворешната температура, а официјалното отворање на скијачката сезона е најавено за 1 декември. Постојаните инвестиции се причина и за новите цени на билетите за скијање во сезоната 2022/2023 година, кои се за четвртина поскапи од претходната.

Дневната карта за скијање во целата сезона за возрасни чини 37 евра, а шестдневната чини 159 евра.

Иако овие цени се екстремно високи според стандардите на Босна и Херцеговина, тие се за 50 отсто пониски од просечните цени на ски билетите во Австрија, а како посебна придобивка Јахорина нуди бесплатно скијање за сите постари од 75 години.

И соседната Бјелашница нуди значајни сместувачки капацитети, но нешто поскромна селекција на патеки со вкупна должина од 14,3 километри, од кои нешто помалку од 10 километри се обележани со црни или црвени ознаки, вклучувајќи го и олимпискиот спуст.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author