04.11.2022 Скопје
Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, денеска изрази надеж дека одговорот на Белград и Приштина на германско – францускиот предлог за нормализација на односите, ќе претставува чекор напред во процесот на дијалог.
Европската служба за надворешни работи пренесе дека Жозеп Борел, пред состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Минстер, Германија, истакнал дека во наредните денови ќе го видиме нивниот одговор на германско – францускиот предлог и се надева дека тоа ќе претставува подобрување и чекор напред во овој процес.
Според Борел, една од темите ќе биде и Западен Балкан, па додаде дека отпорноста и помирувањето се два клучни збора за овој регион, објаснувајќи дека отпорноста се однесува на зголемување на економските и политичките капацитети за соочување со предизвиците, а помирувањето на надминување на наследството од минатото.
Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел, наведе и дека ЕУ е најголем инвеститор на Западен Балкан и го поддржува регионот и во борбата против дезинформациите, и во соочувањето со кибер нападите и во хибридните закани што доаѓаат од Русија.
Подготвено од А.Ѓ.