11.11.2022 Скопје
Жозеп Борел, шефот на дипломатијата на ЕУ, денеска во Париз изјави дека руската агресија врз Украина е главната причина за глобалната криза и дека Русија ја користи храната како оружје за војна.
Шефот на дипломатијата на Европската Унија на својот Твитер профил напиша дека на денешниот мировен форум во Париз се разговара за изнаоѓање начини за решавање на растечката криза во енергетскиот, прехранбениот сектор и за храната и инфлацијата.
Борел истакна дека ќе излеземе од повеќеслојната криза со јасно дефинирање кој е одговорен и поддржувајќи ја Украина и земјите во развој да се справат со последиците од војната. Воедно, додаде дека неизбежната меѓународна конкуренција ја спречува глобалната соработка, која „е многу потребна во моментов”.
Жозеп Борел потенцира дека мора да се избегне натаможен раст на јазот меѓу Северот и Југот и Истокот и Западот.
Подготвено од А.Ѓ.