19.11.2022 Скопје
Резултатите од истражувањето спроведено меѓу холандската деловна заедница во земјава покажуваат дека просечната оценка за деловната клима во Република Северна Македонија е 5,4 на скала од еден до десет.
Во истражувањето се наведува дека падот на глобалната економија, нарушените синџири на снабдување, зголемената инфлација и високите цени на енергијата се зголемена загриженост за бизнисите на кои им е тешко да го одржат работењето. Просечната оценка за деловната клима на скала од еден до десет е 5,4, додека средната стапка е многу слична на просечната и одговара на 5,5. Во споредба со резултатите од Бизнис анкетата 2020 година има подобрување од 1,1 поени или 20 проценти.
Седумдесет и еден отсто од испитаниците ги наведуваат релативно ниските оперативни трошоци како клучен фактор кој влијае на нивната одлука да го прошират своето присуство. Истиот процент од испитаниците ги идентификуваат политичкиот ризик и нестабилноста како клучен фактор што може да влијае на нивната одлука да го намалат нивното деловно присуство.
Педесет проценти од испитаниците укажуваат дека нивото на образование и обука на локално ангажираниот кадар е главен проблем при водењето бизнис, по што следат корупцијата, пристапот до финансии и недостатокот на достапен локален кадар.
Во истражувањето „Холандскиот бизнис во Република Северна Македонија: предизвици и перспективи”, чии резултати вчера ги презентираше холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Хоп, се наведува дека иселувањето на квалификувани работници останува еден од најголемите предизвици на пазарот на трудот во оваа земја, бидејќи тоа од компаниите беше посочено како исклучително важна причина за недостаток на вештини.
Прашалникот на анкетата го пополниле 14 компании, а целта на истражувањето е подобра поддршка на холандските бизниси во справувањето со предизвиците при водење бизнис во Република Северна Македонија.
Подготвено од А.Ѓ.