02.11.2022 Скопје
Белата куќа соопшти дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе обезбеди 13,5 милијарди долари за домаќинствата со ниски приходи како помош за трошоците за греење во текот на претстојната зима.
Во соопштението се наведува дека како дел од иницијативата, американското Министерство за здравство и човечки услуги обезбедува 4,5 милијарди долари финансирање за Програмата за енергетска помош на домаќинствата со ниски приходи (LIHEAP).
Како што соопшти Белата куќа, новата финансиска помош ќе им помогне на Американците со сметките за греење, неплатените сметки за режиски услуги и поправките на домашните апарати, за да им се помогне во намалувањето на трошоците за енергија.
Во соопштението на Белата куќа се додава дека овие чекори ќе обезбедат дополнителна поддршка за семејствата со ниски и средни приходи и ќе ги надополнат даночните олеснувања што семејствата и сопствениците на згради можат да ги користат според Законот за намалување на инфлацијата за да инсталираат опрема за заштеда на енергија и да ги надградат зградите.
Американското Министерство за енергетика одделно ќе одвои девет милијарди долари од Законот за намалување на инфлацијата за да им помогне на 1,6 милиони домаќинства да ги надградат своите домови и да ги направат енергетски ефикасни со што ќе се намалат и сметките за енергија.
Подготвено од А.Ѓ.