18.11.2022 Скопје
Министерството за здравство сите напори континуирано ги насочува кон афирмација и унапредување на статусот и улогата на здравствените работници во општеството.
Во соопштението на Министерството за здравство се наведува дека изминатите три години здравствените работници и здравствените соработници, посветено и со натчовечки напори работеа на браникот на ковид пандемијата, пружајќи помош и борејќи се за здравјето и животот на секој пациент.
Министерот за здравство, д-р Беким Сали, имајќи ја предвид незаменливата улога на здравствените работници, јасно и недвосмислено го истакнува ставот дека тие ја заслужуваат целата почит и во ниеден случај не треба да бидат редуцирани финансиски средства од нивните додатоци, како што се надоместоците за дежурства и ноќен труд.
Од Министерството за здравство соопштија дека не се планира воведување проекти за плаќања по учинок, особено поради фактот што овој тип на проекти во минатото се покажаа како целосно неуспешна реформа.
Министерот и заменик министерот за здравство, заедно со претставници на двата синдиката за здравство, како и претставници од Лекарската комора на Македонија и Здруженијата за медицински сестри, овие ставови ќе ги претстават и пред Фондот за здравствено осигурување и Министерството за финансии, со цел да се приоретизира ова прашање, односно да се изнајдат средства за покачување на платите, со особен осврт на медицинските сестри и другите здравствени работници и соработници со средно образование.
Подготвено од А.Ѓ.