https://www.facebook.com/photo/?fbid=513892797440770&set=a.251093057054080

15.11.2022 Скопје

Денеска на маргините на самитот на Г20, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сретна со неговиот американски колега Џо Бајден.

Двајцата претседатели на средбата разговарале за билатералните односи, вклучително и за трговските и безбедносните прашања, како и за регионалните прашања.

Турското претседателство соопшти дека Бајден му изразил и сочувство на Ердоган за жртвите од бомбардирањето во неделата во Истанбул, потенцирајќи му дека американската администрација ќе продолжи да ги поддржува напорите на Анкара да се снабдува со борбени авиони Ф-16.

Американскиот претседател, воедно, истакнал и дека Турција е значаен фактор за прифаќање на барањето на Шведска за членство во НАТО.

Бајден му се заблагодари на Ердоган за неговата улога во обновувањето на договорот меѓу Украина и Русија, кој истекува на 19 ноември, а беше постигнат со посредство на ОН и Анкара, за извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море.

Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу вчера изјави дека Анкара одбива да прифати сочувство од САД во врска со нападот во Истанбул, во кој загинаа шест, а беа повредени повеќе од 80 лица.

Кога станува збор за второто прашање за кое денеска разговараа Бајден и Ердоган – членството на Шведска во НАТО, Турција го услови влезот на Шведска и Финска во Северноатлантската алијанса со екстрадиција на луѓе кои Анкара ги смета за терористи.

Турскиот претседател за време на самитот на Г20 се сретна и со кинескиот претседател Си Џинпинг, индискиот премиер Нарендра Моди, францускиот претседател Емануел Макрон, новата италијанска премиерка Џорџа Мелони, претседателот на Обединетите Арапски Емирати Мохамед бин Зајед Ал Нахјан и со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author