03.11.2022 Скопје
Заклучувајќи го самитот на Арапската лига во Алжир, првиот по повеќе од три години поради пандемијата на ковид-19, арапските лидери одбија да заземат страна во војната меѓу Русија и Украина и повикаа на политичко решение на конфликтит кој што зема економски данок во неколку нивни земји.
Арапските лидери сметаат дека политичкото решение на кризата треба да биде во согласност со Повелбата на Обединетите нации и да се земат предвид „безбедносните приоритети“ на заинтересираните страни, по што неколку арапски земји порачаа дека можат да имаат посредничка улога во преговорите, особено тие што имаат добри врски со Москва.
Самитот во Алжир се одржа среде енергетската и прехранбената криза предизвикани делумно од војната во Украина, Египет како најбројната земја на арапскиот регион со над 100 милиони жители, е главниот светски увозник на пченица и неодамна имаше пораст на цените на храната, а несигурност со храната има и во Јемен, сиромашната арапска земја разурната од долготрајниот конфликт меѓу владата поддржана од Саудиска Арабија и бунтовниците поддржани од Иран.
Арапските лидери за порастот на цените на храната ги наведуваат проблемите со увозот, кои се предизвикани поради војната и западните санкции против Русија.
Подготвено од М.Н.