24.11.2022 Скопје
Легендарниот холандски виолинист и диригент Андре Риу со својот оркестар „Јохан Штраус“, кој е најголем приватен оркестар на светот, кој брои 60 члена, направи вистинска магија во ВИП Арената „Борис Трајковски“, каде неколку зборови не се доволни да се долови атмосверата на концертот.
Неговиот начин да ја маѓепса својата публика од почеток до крај на концертот и да ја направи класичната музика забавна и современа, го направи еден од најголемите забавувачи на нашето време, а Скопје уживаше во новата програма сочинета од фантастичните мелодии од светот на мјузиклите, оперите и оперетите, како и од традиционалната музика.
Андре во Арената „Борис Трајковски“ ја поздрави публиката со „Добро вечер“, и речиси три часа, на негов својствен харизматичен и непосреден начин ја забавуваше, шармираше и насмејуваше многубројната публика.
Изненадувањето на публиката беше големо откако во еден момент започнаа тактовите на легендарната македонска песна „Македонско девојче“ каде во преполната сала одекна одушевувачки восхит, проследен со громогласен аплауз, додека Риу и оркестарот ја изведуваа „Македонско девојче“.
Андре Риу и неговиот оркестар секогаш несебично се трудат концертите да бидат гозба за сите сетила, па следствено на тоа, покрај музичкиот дел, на концертниот спектакл беа вклучени и визуелните ефекти кога ненадејно почна да врне снег, и да паѓаат балони.
Подготвено од М.Н.