https://www.facebook.com/photo?fbid=670382951122211&set=pcb.670383157788857

17.11.2022 Скопје

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска учестуваа на академскиот час во организација на Факултетот за Земјоделски науки и храна, по повод 17-ти ноември Меѓународниот ден на студентите.

Министерот Николовски честитајќи го Меѓународниот ден на студентите, пред нив упати порака да бидат посветени на науката, гласни и критични студенти, бидејќи само така можат да помогнат државата да чекори напред и успешно да се развива.

Во своето обраќање, министерот Николовски истакна дека за него токму овие три факултети имаат најголемо значење и придонес во државата, бидејќи создаваат нови генерации млади и стручни академски граѓани, кои со своето знаење треба да помогнат во развој на земјоделскиот сектор, зачувување на шумите, заштита и нега на сточниот фонд во државата и заштита на јавното здравје на граѓаните. Воедно, додаде дека развојот на земјоделството како стопанска гранка почнува токму од образовните институции.

Уште на почетокот од оваа година започна иницијативата како да се зголеми интересот кај младите за изучување на овие струки и оттука произлезе целата идеја за воведување на стипендии наменети за студентите од земјоделската, шумарската и ветеринарната струка.

На иницијатива од министерот Николовски, а во соработка со министерството за образование и наука и деканите на трите факултети, Владата донесе одлука за изменување и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард, со што овозможи услови за доделување на стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на земјоделскиот, шумарскиот или ветеринарниот факултет во сите универзитети и високообразовни установи во државата, со месечна стипендија од 18.000 денари за девет месеци во годината.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има одлична соработка со трите факултети и заеднички работат повеќе проекти, преку кои им се овозможува на студентите добра и модерна настава, но и квалитетна практична настава.

Министерството заедно со трите факултети потпиша Меморандум за реализација на практична настава и кариерно унапредување на студентите и веќе во министерството ги имаат првите 25 практиканти. Со поддршка на Министерството преку програмата за рурален развој, заедно со Факултетот за ветеринарна медицина имаат набавено и поставено софистицирана аналитичка лабораториска опрема за контрола на квалитетот и безбедност на храна.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author