28.11.2022 Скопје
Институтот за македонска литература со научен собир одбележа 110 години од раѓањето на Кирил Пенушлиски (1912-2004), основоположник на македонската фолклористика, и половина век од објавувањето на целокупниот опус на собирачот на народни умотворби Марко Цепенков, во 10 тома од редакција под раководство на Пенушлиски.
Проф. д-р Ана Мартиноска, претседателка на Одборот за чествување на двата јубилеја и внука на Пенушлиски, истакна дека Цепенков и Пенушлиски ги врзуваа многу работи, нивната долговечност, несебичното и децениско вложување во собирање и објавување на народните умотворби и непроценливата заслуга за зачувување на македонското фолклорно богатство за наредните генерации, потенцирајќи дека нивните дела можеби временски му припаѓаат на минатото, но тие сѐ уште се интензивна преокупација на нашата современост.
Во говорот насловен „Аманет од работната соба на Пенушлиски”, Мартиноска направи ретроспектива на клучните достигнувања кои „го прават Пенушлиски корифеј на македонската фолклористика” и посочи на насоките што ги поставил пред науката за фолклорот и високите стандарди кои „сѐ уште се репер за сите фолклористи”.
Мартиноска соопшти дека Пенушлиски во својот живот објавил над 70 изданија, а за последната книга – „Македонски фолклор – историски преглед” истакна дека е синтеза и круна на неговиот повеќедецениски научно-истражувачки ангажман. Воедно, сподели и фотографии од неговата лична архива, од работната соба во неговиот дом, преполна со книги, белешки и материјали од машина за пишување чиј звук е веројатно нејзината прва асоцијација кога помислува на дедо ѝ во неговата работна соба.
Мартиноска зборуваше за неговата професионалност и мотивот за работа и меморијата што ги имал и во десеттата деценија од животот, како и за човечките доблести – чесност, правдољубивост, интегритет и висока етичност што ги поседувал „Киро Пенушлијата – редок човек со ретко штипско презиме”.
За да се исполни неговиот аманет, Мартиноска порача дека мора час поскоро да се изработи целосна и темелна биографија, библиографија и научна студија за сите аспекти и достигнувања во неговата фолклористичка, наставно-научна, издавачка и општествена активност.
Отворајќи го научниот собир, директорката на Институтот за македонска литература проф. д-р Наташа Аврамовска истакна дека имињата на Пенушлиски и преродбеникот Цепенков стојат во нераскинлива спрега не само во македонистиката, туку и воопшто во славистиката. Исто така, ја нагласи и заслугата на Пенушлиски за донесувањето во земјава и за првата објава на значајната ризница народни умотворби собрани од Цепенков, кои со децении стоеле во правата на туѓиот архив, а меѓу нив и првпат откриена Цепенковата Автобиографија. Несомнена културна пресвртница во земјава е објавувањето на десеттомното издание во 1972 година.
Подготвено од А.Ѓ.