19.10.2022 Скопје
АД Електрани на Северна Македонија соопшти дека вчера има произведено 12.660 MWh електрична енергија.
Како што соопшти, ЕСМ целосно ги има задоволено потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи, исклучиво од сопствени, домашни капацитети.
Од АД Електрани на Северна Македонија, воедно, истакнуваат дека го зголемиле производството, како и дека обезбедиле струја за дел од домашното стопанство, а прецизираат дека во термоелектраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино произведени се 12.253 MWh, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци произведени се 407 MWh.
Како што информираа вчера владини извори, ЕСМ во моментов ги има вклучено сите капацитети кои му се на располагање, освен Блок 3 за кој на 21 октомври треба да биде испорачан трансформаторот од Турција и да пристигне во Битола на 26 октомври.
Надлежните тврдат дека државава има и доволно количини на јаглен, а во случај ништо да не функционира во рудниците за јаглен и да нема испорака, би имале јаглен за 20 до 30 дена.
Остануваат отворени и разговорите за набавка на електрична енергија за стопанството со цел да се обезбеди струја по прифатлива цена за бизнис секторот и да се одржи економијата во кондиција.
Подготвено од А.Ѓ.