10.10.2022 Скопје
Една од централните теми за кои ќе расправа Парламентарното собрание на Советот на Европа на есенската сесија, која започна денеска во Стразбур и ќе трае до петок, е поддршката на евроинтеграцијата на Западен Балкан.
Јоргос Папандреу, грчкиот пратеник и поранешен премиер, го подготви Извештајот за пленарната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа што ќе се одржи утре.
На есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе се расправа и за борбата против исламофобијата или антимуслиманскиот расизам, за дискриминацијата при вакцинација и за последиците од Брегзит за човековите права во Ирска. Собранието мора да расправа и за почитувањето на обврските од страна на Турција, Унгарија и Романија.
Според програмата, планирани се и дебати за злоупотреба на Шенгенскиот информациски систем од страна на државите за воведување политички мотивирани санкции, дискриминација на жените во спортот, безбедни трети земји за барателите на азил, мерки за управување со илегалната миграција за депортации на море и копно, како и за преглед на работничките права.
Пред Парламентарното собрание на Советот на Европа преку видеоконференција треба да се обрати и претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Говори ќе одржат и претседателот на Ирска, Мајкл Д. Хигинс и претседателот на Швајцарската Конфедерација, Игнацио Касис, како и албанскиот премиер Еди Рама.
Подготвено од А.Ѓ.