24.10.2022 Скопје
Претседателот на Србија и лидер на Српската напредна странка (СНС) на вчерашната седница на Главниот одбор ги соопшти предлог кандидати за министри во новата влада од оваа партија, меѓу кои не се досегашните министри Златибор Лончар, Небојша Стефановиќ, Јадранка Јоксимовиќ, Бранислав Недимовиќ, а проблематична е и Зорана Михајловиќ која нема повеќе да го води ресорот за рударство и енергетика.
Премиерка ќе биде Ана Брнабиќ, вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, а министер за одбрана и вицепремиер Милош Вучевиќ.
Министер за финансии, а воедно и вицепремиер ќе биде Синиша Мали, а Томислав Момировиќ ќе биде министер за внатрешна и надворешна трговија.
Секторот за земјоделство ќе го води Јелена Танасковиќ, за животна средина Ирена Вујовиќ, а за градежништво Горан Весиќ.
Министер за рударство и енергетика ќе биде Дубравка Негре. Со Министерството за државна управа и локална самоуправа ќе раководи Александар Мартиновиќ, а со Министерството за малцински права и социјален дијалог Томислав Жигманов.
Министер за внатрешни работи ќе биде Братислав Гашиќ, Тања Мишчевиќ ќе биде министер за евроинтеграции, а Секторот за наука и иновации ќе го води Јелена Беговиќ.
Даница Грујичиќ ќе биде министер за здравство, Никола Селаковиќ за труд, вработување и боречки прашања, а Дарија Кисиќ за семејна грижа.
Министер за туризам и млади ќе биде Хусеин Мемиќ, а за спорт Зоран Гајиќ. На чело на Министерството за култура ќе остане Маја Гојковиќ, а на Министерството за грижа на селото Милан Кркобабиќ.
Останаа празни министерствата за телекомуникации и информации, како и министерството за јавни инвестиции.
Лидерот на СПС, Ивица Дачиќ, изјави дека партијата ќе има пет министерски места, од кои двајца министри без ресор – Новица Тончев, кој ќе биде задолжен за развој на неразвиените општини и подрачја и Ѓорѓе Милиќевиќ, чие што задолжение допрва ќе се договара.
Вучиќ, на почетокот на седницата на Главниот одбор на СНС, на која ќе се расправа за новата Влада на Србија, рече дека моментот во кој се избира новиот кабинет е специфичен поради надворешни околности. Воедно, порача дека СНС мора да работи во интерес на народот и граѓаните, а не да биде „бизнис партија”.
Српскиот претседател изјави и дека се гордее со многу имиња кои нема да ги прочита како дел од владата, а од кои побара да ја сочекаат следната влада, при тоа не ги прочита имињата на досегашната вицепремиерка Зорана Михајловиќ и на досегашниот министер на полицијата, Александар Вулин.
Вучиќ истакна дека Марко Ѓуриќ треба да се врати и да извршува важни функции, и побарал од него да остане амбасадор во САД.
Подготвено од А.Ѓ.