11.10.2022 Скопје
Во домот на Армијата во Скопје, воениот оркестар на Армијата вечерва ќе одржи едночасовен концерт, по повод денешниот празник, Денот на народното востание-11 Октомври и 30 години од постоење на Армијата.
На концертот, во состав на армискиот воен оркестар, ќе учествуваат и солисти и уметници од реномираните национални музички институции во државата, како и самостојни музички изведувачи, информираат од Министерството за одбрана на Северна Македонија.
Во соопштението се наведува дека репертоарот на концертот, кој што во рамки на јубилејната година ќе настапи под слоганот „Безбедност, стабилност, доверба“, ќе бидат изведувани нумери од македонските евергрини, војнички композиции, но ќе бидат изведувани и композиции од познати светски автори, како Ричард Штраус, Густав Холст и Лучијано Фелицијани.
На концертниот настан на Оркестарот на Армијата, покрај началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменикот на министерката за одбрана, Башким Хасани, военото раководство од Генералштабот и Министерството за одбрана и припадници од командите и единиците на Армијата, се очекува да бидат присутни и претставници од Собранието и Владата на Република Северна Македонија, претставници од амбасадите, воено дипломатски кор и други посетители, се истакнува во соопштението.
Од Миниастерството за одбрана, посочија дека концертот кој ќе биде одржан во вечерните часови е дел од планираните активности со кои годинава Армијата обележува 30 години од своето формирање.
Концертот ќе може да се следи преку директен пренос на третиот канал на МРТ со почеток во 20:00 часот, како и на Јутјуб каналот и на Фејзбук профилот на Армијата на Северна Македонија.
Подготвено од М.Н.