31.10.2022 Скопје
По одржаната средба на синдикалната организација на ЈП „Водовод и канализација“, донесена е одлука за користење на правото на штрајк, што во согласност со законите ќе доведе до повикување и спроведување на штрајк во претпријатието.
Вработените се загрижени поради последната информација за која што истакнуваат станувало збор дека директорот Марјанчо Митовски, подготвува нови дисциплински постапки против повеќе од 40 работници, членови на синдикатот, а претходно известија и за големите притисоци кои се вршат врз сите вработени во претпријатието.
Синдикалната организација најави и прес-конференција која ќе се одржи во текот на утрешниот ден, пред седиштето на Град Скопје, на која како што посочија, ќе биде презентиран документ од спцијалист-невропсихијатар за директорот на ЈП „Водовод и канализација“.
Во среда се очекува одлуката за штрајк да биде потврдена од највисокиот орган на синдикатот, по што вработените ќе стапат во штрајк кој ќе се одвива на нивните работни места но со неизвршување на работните обврски како и преку изразување на други облици на работно незадоволство.
Подготвено од М.Н.