12.10.2022 Скопје
Шеста година по ред, во есенскиот период, се повторува водата во Тетово да добие невообичаен вкус и мирис, но првичните анализи покажуваат дека е безбедна за пиење.
Во 2017 година оваа појава првпат беше забележана, кога Центарот за јавно здравје утврди дека непријатниот мирис и вкус доаѓаат од вегетацијата, односно најмногу од лисјата од дрвјата што паѓаат во речните води, месноста Лешница, од каде се зема вода за новиот водоснабдителен систем.
Од Центарот за јавно здравје во Тетово истакнаа дека првите анализи се добри и водата е безбедна за пиење, објаснувајќи дека бактериолошки и хемиско-физички водата е исправна за пиење и сега. Доколку на граѓаните не им е пријатна вака водата, од Центарот препорачуваат да не ја употребуваат во наредните неколку дена, а додадоа дека искуството од минатите години има покажано дека невообичаениот мирис и вкус по неколку дена ќе ги снема.
Центарот секојдневно прави контрола на квалитетот на водата во градскиот водовод. Оваа појава, во изминатите години, се надминуваше и со засилено хлорирање.
Според информациите од Центарот, и во светската теорија и пракса постојат вакви примери кога се користат површински води, како што е со новиот водоснабдителен систем кој зема вода од планинските реки. Озонирање или користење на јагленов филтер е можноста да се отстрани непријатниот мирис и вкус.
Подготвено од А.Ѓ.