https://www.facebook.com/photo?fbid=532053708924049&set=pcb.532056652257088

06.10.2022 Скопје

За првпат, денеска во Прага, ќе се одржи средба на Европската политичка заедница, на која ќе учествуваат 44 лидери од сите земји од континентот во широка смисла. Станува збор за иницијатива која во мај годинава ја промовираше францускиот претседател, Емануел Макрон, а која веќе по еден месец доби своја официјализација во јунските заклучоци на Европскиот совет.

Европските лидери ќе дискутираат за крупните предизвици со кои се соочува Европа.

Делегацијата на Северна Македонија ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски. Северна Македонија, Србија и Албанија, минатата недела во Софија, на Европската Унија веќе ѝ ставија до знаење дека им е потребна помош во справувањето со енергетската криза.

Сирил Бомгартнер, францускиот амбасадор во земјава, потврди дека е можно од самитот во Прага да произлезе конкретна помош или барем конкретна најава за помош за Северна Македонија во делот на енергетиката.

Енергетската платформа на ЕУ има за цел да им помогне на земјите членки во диверзификацијата на изворите на енергија и да се координираат за набавка на енергенси преку доброволно заедничко купување на гас и хидроген. Претставува една од алатките кои треба да помогнат да се намали зависноста од рускиот гас.

Европската комисија информира дека ЕУ има јасен интерес да ги вклучи земјите од Западен Балкан во мерките за ублажување на последиците од кризата, како и дека има намера да обрне посебно внимание кон областите кои се најзасегнати од кризата предизвикана од војната во Украина.

На неформалниот ЕУ самит, што ќе се одржи во Прага по состанокот на Европската политичка заедница, една од главните теми и за самите земји-членки на ЕУ ќе биде енергијата. Се бараат начини да се гарантира набавката на енергенси, да се зајакне солидарноста меѓу земјите и да се намали потрошувачката.

Денеска во Прага, на лидерската средба на Европската политичка заедница ќе се разговара и за Украина, а свое обраќање, преку видео врска, ќе има и украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author