13.10.2022 Скопје
Општина Кисела Вода, поради континуираниот раст на населението во одредени скопски општини, миграцијата на граѓаните од внатрешноста на земјава во главниот град, но и за да се намалат обидите за препродавање храна на импровизирани тезги и директно од камиони, најави изградба на нов пазар.
Според надлежните, на овој начин не само што ќе им се излезе во пресрет и ќе се задоволат секојдневните потреби на граѓаните, туку и значително ќе се подобрат условите за купување на храната.
Во овој период од годината кога се подготвуваат зимници, многу често на голем број локации во Скопје можат да се забележат паркирани камиони од кои се продава зеленчук, а неретка е и појавата на наместени импровизирани тезги каде што земјоделците ги нудат своите производи.
Дел од локалното население, и тоа во сите скопски општини, се жалат поради тоа што на овој начин се узурпираат јавните површини, а неретко и од купувачите, но и од пазарџиите се оставаат поголеми количества ѓубре, откако времето за продавање и за пазарење ќе помине.
Во обид да се сведе на минимум ваквата појава, граѓаните што живеат на територија на Општина Кисела Вода наскоро, како што најавуваат надлежните ќе можат своите намирници за дома да ги купуваат на нов и модерен пазар.
Како што информираат од локалната самоуправа, завршена е тендерската постапка и е избрана фирмата изведувач, која ќе го гради новото современо здание на површина од 250 m2.
Реализацијата на овој проект чини 13 милиони денари од кои 9.800.000 обезбедува Министерството за локална самоуправа, во согласност со потпишаниот договор за финансиско партнерство за изградба на овој пазар, а останатите средства ги покрива Општина Кисела Вода од својот буџет.
Подготвено од А.Ѓ.