26.10.2022 Скопје
Во Грција се потврдени вкупно 15 случаи на подваријантите BQ.1 и BQ.1.1 на сојот Омикрон, за кои Европскиот центар за превенција и контрола на болести очекува до средината на ноември и почетокот на декември да станат доминантни кај повеќе од половината потврдени случаи.
Станува збор за подваријанти на варијантата BA.5 на мутацијата Омикрон.
Според податоците од Националната организација за јавно здравје, во Грција во периодот од 1 септември до 18 октомври биле потврдени десет случаи на BQ.1 и пет на BQ.1.1.
Во петокот, од Евроспкиот центар за превенција и контрола на болести сооопштија дека во некои земји на Европската унија е откриена подваријантата BQ.1, која од 20 октомври 2022 година, ЕЦДЦ ја означи како варијанта на интерес (VOI).
Согласно нивните модели, се очекува до средината на ноември и почетокот на декември над 50 отсто од заразените со Ковид-19 да се должат на BQ.1/BQ.1.1, а до почетокот на 2023 година, кај повеќе од 80 отсто од случаите да бидат доминантни овие варијанти.
Од ЕЦДЦ соопштија дека оваа варијанта (BQ.1) и нејзините подваријанти веројатно ќе придонесат за дополнително зголемување на случаите на Ковид-19 во Европската Унија и Европската економска зона во следните недели и месеци, како и дека врз основа на ограничените достапни податоци, нема докази дека подваријантата BQ.1 е посериозна од постоечките варијанти BA.4/BA.5.
Освен новите подваријанти, во конкретниот период во Грција се потврдени и 35 случаи на подваријантата BA.2.75 на BA.2, позната како Кентаур, а во земјата има вкупно 66 случаи на ова подваријантата.
Подготвено од А.Ѓ.