28.10.2022 Скопје
Вчеравечер, преговарачите на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент постигнаа договор за закон со кој од 2035 година се предвидува крај на продажбата на нови возила со мотор со внатрешно согорување.
Овој договор предвидува дека во ЕУ од 2035 година повеќе нема да се продаваат нови автомобили на бензин и дизел и лесни комерцијални возила, како и хибридни возила, во корист на 100 отсто електрични возила.
Јозеф Сикела, чешкиот министер за индустрија и трговија, изјави дека овој договор го отвора патот за модерна и конкурентна автомобилска индустрија во Европската Унија, додавајќи дека светот се менува и ние мора да останеме во првите редови на иновациите.
Чешкото претседателство преговараше од името на 27 земји-членки со претставници на Европскиот парламент.
Постигнат е договор за намалување на емисиите на јаглерод диоксид од новите автомобили за 55 отсто до 2030 година и за 50 отсто за пикапите во споредба со нивото од 2021 година, а до 2035 година треба да се постигнат нула емисии и за новите автомобили и за пикапите.
Овој договор е дел од пакетот „Спремни за 55 отсто“, во кој ЕУ си постави цел до 2030 година да ги намали нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 проценти.
Подготвено од А.Ѓ.