17.10.2022 Скопје
Во саботата официјално започна грејната сезона и се смлачија радијаторите во објектите, освен во оние кои се исклучени поради дефекти на внатрешната инсталација или поради проблеми во потстаницата.
На веб страната на БЕГ се уште се објавува прегледот на исклучените објекти. Во моментов, 69 станбени згради и институции се без греење, иако од ЕСМ тврдат дека биле пријавени 600 дефекти. Меѓу оние кои немаат греење се градинката „Срничка“, ОУ Лазо Ангеловски, Педагошката Академија, Здравствениот дом Идадија, ЈП „Македонска пошта“, Општина Кисела Вода и Агенцијата за спорт и млади.
ЕСМ информира дека нема дефекти во топланите и дистрибутивната мрежа за парно греење во Скопје и дека тие се целосно функционални.
На почетокот на секоја грејна сезона се интервенира по повици на граѓани за дефекти во домовите или на потстаниците во зградите. Според директорката за производство од АД ЕСМ, Александра Маројевиќ, во првите два дена од стартот на грејната сезона пријавени биле 600 дефекти од потрошувачите на топлинска енергија, а најголем број од нив поради истекување од внатрешни инсталации.
Според директорката Маројевиќ, приоритет на сервисните екипи на терен се рекламациите за течење, затоа што тие можат да предизвикаат материјална штета во домовите. Сите останати рекламации за немање греење се извршуваат од сервисните служби на терен по редослед „прв јавен, прв услужен”.
Подготвено од А.Ѓ.