14.10.2022 Скопје
Податоците на црногорското Министерство за внатрешни работи покажуваат дека привремен или постојан престој во Црна Гора им е одобрен на околу 13.500 руски државјани, додека истовремено во земјата има околу 11.000 Украинци, врз основа на привремена заштита или одобрен престој.
Од почетокот на војната во Украина, барање за престој во Црна Гора во времетраење до 90 дена имаат побарано 112.755 граѓани на Русија и 50.164 граѓани на Украина.
Црногорското Министерството за внатрешни работи наведува дека од почетокот на војната во Украина, на 24 февруари до 10 октомври годинава, е регистриран влез во земјата на 119.619 државјани на Руската Федерација, од кои 103.406 биле регистрирани и на заминување.
Во моментов, 8.157 граѓани на Руската Федерација живеат во Црна Гора врз основа на одобрен привремен престој, од кои 4.269 врз основа на одобрен продолжен престој, додека 1.146 Руси живеат во Црна Гора со одобрен постојан престој.
За истиот период, регистриран е влез на 73.558 државјани на Украина, додека на излез биле регистрирани 65.700 украински државјани.
Во земјата моментално престојуваат 934 граѓани на Украина врз основа на одобрен привремен престој, 1.141 државјанин на Украина по продолжен привремен престој, како и 2.359 граѓани на Украина со одобрен постојан престој.
Подготвено од А.Ѓ.