21.10.2022 Скопје
Во Бугарија, народните пратеници денеска, по низа неуспешни обиди да изберат претседател на Парламентот, повторно ќе заседаваат и засега според медиумите и аналитичарите се очекува поинаков тон во дискусиите.
Седницата повторно ќе ја води Вежди Рашидов како највозрасен пратеник, кој вчера се повлече откако беше предложен од ГЕРБ-СДС за претседател на Парламентот, во обидите да се најде консензус.
Рашидов објасни дека се повлекува поради разум и би бил среќен доколку пратениците го изберат претседателот на Националното собрание.
До оваа ситуација, пат-ситуација, се дојде откако кандидатите на ГЕРБ, Росен Желјазков и ПП Никола Минчев, уште првиот работен ден не ја добија потребната поддршка. Вчера двете најголеми парламентарни политички сили ги повлекоа своите кандидатури. Вака дојде до изборот меѓу Јордан Цонев од ДПС и Кристијан Вигенин од БСП. Сепак, ниту еден од нив не доби доволно гласови за.
Христо Иванов од „Демократска Бугарија“ изјави дека очигледно тешкотиите продолжуваат, но атмосферата е сменета.
За бугарската ТВ Нова, уставниот судија Јанаки Стоилов изјави дека ситуацијата околу изборот на претседател на Народното собрание е без преседан. Воедно, истакна дека денеска е критичен ден, бидејќи завршува првата недела на овој парламент.
Според Стоилов, овој процес само ќе ја докаже неспособноста на Собранието да направи нешто и во средниот век имало случаи кога биле потребни месеци, па и години за да се избере папа, но ние сепак сме во подинамично време.
Уставниот судија е дециден дека не треба да се менуваат правилата околу изборот на првиот човек на Собранието. Според него, може да се поднесуваат имиња, да се извлече едно име и да се гласа.
Според пратеникот од политичката партија „Продолжуваме со промената“, Венко Сабрутев, задкулисните игри се заседнати, постои договор и се прави театрална сцена во пленарната сала каде се говори со солзи и фиктивно гласање. Воедно, истакна дека статус квото, оваа година, се повеќе губи позиции.
Подготвено од А.Ѓ.