28.10.2022 Скопје
Во услови на економско-енергетска криза, Општина Чаир веќе не е во можност да го финансира превозот на речиси 500 ученици од други општини кои учат во училиштата на територијата на Чаир.
Меѓу нив се и ученици од населба Визбегово во општина Бутел, за кои минатата година двете општини договориле да ги поделат трошоците, но градоначалникот Висар Ганиу изјави дека општина Бутел не се придржува на договорот и не му префрла пари на Јавното сообраќајно претпријатие.
Ганиу истакна дека со постојани молби, претпријатието досега не го прекинувало превозот, но состојбата кулминирала и од понеделник учениците од Визбегово нема да имаат обезбеден превоз.
Превозот на учениците што доаѓаат да учат во Чаир, оваа општина го плаќа од сопствени средства. Според Ганиу, се работи за 6 милиони денари за секоја година и тоа ја продлабочило состојбата со долговите што ги имаат кон други оператори.
Ганиу на прес-конференција истакна дека во последнава недела биле под постојан притисок од Јавното сообраќајно претпријатие, кое бара да платат за превоз на децата од населбата Визбегово од Општина Бутел. Со таа општина пред една година потпишале договор, и првпат заеднички ги поделиле трошоците за превоз на овие ученици, но општина Бутел не се придржува до овој договор и нема извршено никаква исплата кон претпријатието.
И покрај тоа што Општина Чаир нема законска обврска да обезбеди образование за учениците кои немаат училишта на мајчин јазик во нивните населби, сепак, како што рече Ганиу, од морална обврска не оставиле ниту едно дете без школување.
Подготвено од А.Ѓ.