31.10.2022 Скопје
Новите податоци на Светската здравствена организација покажуваат дека по години опаѓање на бројот на случаите, туберкулозата е во силен пораст, убивајќи проценети 1,6 милиони луѓе во 2021 година, што е пораст за 14 отсто за две години.
Туберкулозата, која ја престигна најлошата пандемија Ковид-19 во како најлош заразен светски убиец, однесе проценети 1,5 милиони животи во 2020 година и 1,4 милиони во 2019 година.
Светската здравствена организација ја обвини пандемијата на коронавирус за повторниот раст на бројот на случаи на болеста, бидејќи кризата што го придружуваше Ковид-19 имаше големо и трајно влијание врз пристапот до дијагностика и лекувањето.
Според податоците, годишниот проценет број на смртни случаи од туберкулоза, глобално, опадна помеѓу 2005 и 2019 година, но проценките за 2020 и 2021 година сугерираат дека овој тренд е обратен.
Најголемиот дел од проценетото зголемување на смртните случаи од туберкулоза се случува во четири земји: Индија, Индонезија, Мјанмар и Филипините.
Во извештајот се наведува дека е можно туберкулозата „уште еднаш да биде водечка причина за смрт во светот од некој инфективен агенс, заменувајќи го Ковид-19“.
Светската здравствена организација објави дека 10,6 милиони луѓе заболеле од туберкулоза во 2021 година, што е зголемување за 4,5 отсто во споредба со 2020 година. Воедно, соопшти дека ова е првпат по многу години да се забележи зголемување на бројот на заболени од туберкулоза и на туберкулоза отпорна на лекови.
Стапката на инциденца, нови случаи на 100.000 луѓе годишно, се зголеми за 3,6 отсто помеѓу 2020 и 2021 година, откако падна за околу два отсто годишно во поголемиот дел од изминатите 20 години.
Главниот заклучок, од овој извештај, е дека пандемијата на Ковид-19 продолжува да има штетно влијание врз пристапот до дијагноза и лекување на туберкулоза и товарот што го претставува оваа болест.
Напредокот постигнат во годините до 2019 година е забавен, запрен или обратен, а остварувањето на глобалните цели во борбата против туберкулозата веќе не е на дофат.
Итно се потребни засилени напори поддржани со зголемено финансирање за да се ублажат и да се сменат негативните ефекти од пандемијата на туберкулозата.
Туберкулозата ја предизвикува бактерија која најчесто ги погодува белите дробови. Како и ковид, се шири низ воздухот од заразени луѓе, на пример, со кашлање. Може да се спречи и да се излекува.
Светската здравствена организација проценува дека конфликтите ширум светот, глобалната енергетска криза и поврзаните ризици за безбедноста на снабдувањето со храна веројатно дополнително ќе ја влошат ситуацијата.
Во извештајот се истакнува дека приоритет е повторно да се обезбеди пристап и пружање на основните услуги за заболените од туберкулоза, така што нивото на откривање на случаите со туберкулоза и лекувањето може да се врати барем на нивоата од 2019 година.
Осум земји сочинуваат повеќе од две третини од вкупниот број случаи на туберкулоза во светот: Индија, Индонезија, Кина, Филипините, Пакистан, Нигерија, Бангладеш и Демократска Република Конго.
Тедрос Аданом Гебрејесус, челникот на Светската здравствена организација, истакна дека ако пандемијата нè научи нешто, тоа е дека со солидарност, решителност, иновативност и праведна употреба на алатки, можеме да ги надминеме сериозните здравствени закани, додавајќи дека е време да се запре овој долгогодишен убиец.
Подготвено од А.Ѓ.