27.10.2022 Скопје
Сојузот на синдикати на Македонија истакна дека ниту еден работодавач не најавил дека годинава и покрај економско енергетската криза нема да исплати регрес за годишен одмор, а таква е состојбата и во дел од јавниот сектор.
Во моментов и на околу 1.000 од вкупно 27.000 вработени во јавниот сектор, им легнаа парите за К15 за 2020 година, откако ги добија пресудите по тужбите што ги поднесоа.
Од ССМ се децидни и изјавија дека неисплата не е во опција, а нема ни оправдување за непочитување на Колективниот договор. До крајниот рок за исплата на популарниот К-15 (31 декември), во приватниот сектор, има нешто повеќе од два месеца, а според пресметката од ССМ, тој треба да изнесува 12.748 денари.
Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, истакна дека судовите постапуваат по тужбите што ги поднесоа нивните членови, а од почетокот на годинава паднале и првите пресуди во нивна корист. Воедно, додаде дека судовите исплатиле регрес, како и дел од Јавното обвинителство, а онаму каде што нема разбирање да се избегнат судските трошоци и да се исплаќа доброволно, тераат со тужби.
Од февруари до 30 септември годинава во Одделот за работни односи на Граѓанскиот суд биле поднесени 3.749 тужби, со основ надоместоци. Дел од тужбите се однесуваат на популарниот К-15, на што се жалеа синдикатите, кои ги повикуваа работниците да алармираат и да покренат судска постапка за заштита на своите права.
Работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од основицата, а износот на регресот се утврдува според основицата, која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.
Според Колективниот договор, основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија исплатена во последните три месеца.
За неисплата на К-15 предвидена е глоба до 4.000 евра, а за работодавачите што бараат да им се вратат исплатените пари и затворска казна од три месеци па сè до една година.
Подготвено од А.Ѓ.