23.10.2022 Скопје
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и синдикалните организации на Пошта бараат итна средба со претставници од Владата најдоцна до вторник или среда, на која ќе ги презентираат проблемите кои ги има ова претпријатие. Во спротивно, најавуваат дека ќе организираат протести пред Владата.
Како што се вели во објавата на ССМ на нивната фејсбук страница, најголемиот проблем е тоа што вработените во Пошта на Северна Македонија се уште немаат добиено плата за септември.
За изнаоѓање заедничко решение, во насока на навремено исплаќање на платите на вработените во Пошта, од ССМ бараат итна средба со претставници од Владата, на која ќе ги изнесат своите предлози за надминување на состојбата и видувања за состојбите во Пошта, како и за потребата од изнаоѓање одржлив модел за нормализирање на функционирање на претпријатието.
Од ССМ посочуваат дека првенствено во насока на стабилизација на Пошта, потребно е Владата итно да им наложи на сите министерства и државни институции да ги користат услугите на Пошта, како давател на универзални поштенски услуги на цела територија на државата.
Исто така, како што појаснуваат, потребно е Агенција за пошти, како регулаторно тело, да си ги извршува обврските за сузбивање со нелојалната конкуренција и нерегуларности на поштенскиот пазар.
Подготвено од А.Ѓ.