https://www.flickr.com/photos/democracychronicles/39756836723/

13.10.2022 Скопје

Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, за борбата со корупцијата на национално, но и на институционално ниво, изјави дека Владата и Министерството за внатрешни работи борбата со корупцијата ја имаат издигнато на највисоко политичко ниво, почнува од сопствените редови и бара сите заеднички да се избориме со овој феномен.

За институционалните механизми, министерот Спасовски истакна дека МВР уште во старт има започнато со имплементација на низа процедури и активности со цел да се зајакне внатрешната контрола и низа механизми со цел јакнење на интегритетот на полициските службеници. Воедно, додаде дека имаат воспоставено механизми и на надворешната контрола, како посебно одделение на Народниот правобранител, т.н. Полициски омбудсман, посебно одделение во Јавното обвинителство кое се занимава исклучиво со законски престапи на полициските службеници, а се преземени низа механизми во делот на антикорупциските политики, како обврската секој вработен во македонската полиција да пополнува анкетен лист за неговата имотна состојба и за судирот на интереси.

Преку соработката со ИЦИТАП програмата на САД, министерот Спасовски потсети дека обезбедени се мобилни камери за сите припадници на полицијата во делот на сообраќајот и во делот на граничните премини како механизми на намалување на можни коруптивни влијанија. Исто така, го истакна задоволството што се поголем процент на граѓани се одважуваат да пријават корупција, што значи дека расте довербата во полицијата, но истовремено расте јавната свест кај граѓаните за отфрлање на корупцијата.

Министерот за внатрешни работи Спасовски изрази апел до граѓаните секогаш кога има некаква индиција или барање за корупција тоа веднаш да го пријавуваат, затоа што корупцијата е еден од најопасните феномени, додавајќи дека корупцијата ги јаде работните места и економијата.

Спасовски истакна дека одговорноста треба да ги стигне сите, и оние кои бараат поткуп, и оние кои даваат поткуп.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author