04.10.2022 Скопје
По речиси две години откако беше предложена од Европската Комисија, Советот на ЕУ денеска ја усвои директивата за соодветна минимална плата.
Директивата предвидува процедури за соодветен минимален приход за работниците, промовира колективни договори и го засилува пристапот до заштита на минималната плата за оние работници за кои тоа е предвидено во националното законодавство на нивната држава.
Марјан Јуречка, заменик министерот за труд и социјална политика на Чшка, изјави дека минималната плата и колективното договарање за плати се силни алатки кои можат да бидат искористени за сите работници да заработат плата која ќе овозможи пристоен стандард на живеење. Воедно, истакна дека во време на енергетска криза ова претставува порака на надеж.
Директивата не воведува минимална плата во земјите кои немаат таква политика, а тоа се шест во ЕУ. Оние кои ја имаат треба да се осигурат дека е соодветна. Директивата предвидува дека оваа адекватност ќе треба да биде тестирана кога се менуваат условите, како во случај на инфлација.
Референтната вредност што им се предлага на земјите членки е 50 отсто од просечната плата.
Во рок од две години, законот треба да биде преточен во националното законодавство на земјите членки.
Подготвено од А.Ѓ.