https://www.freepik.com/free-photo/relaxed-curly-haired-afro-american-woman-sleeps-well-has-sweet-dreams_17679567.htm#page=2&query=sleeping%20and%20dreaming&position=19&from_view=search&track=sph

21.10.2022 Скопје

Соништата и нивното толкување се тема која интригира од одамна, но со добра причина. Откако почна пандемијата, соништата кај луѓето неминовно доживеаја промена.

За време на пандемијата, наместо да сонуваме работи кои регуларно ни „влегуваат“ и „излегуваат“ од животната рамка, многумина од нас сонуваа отворен простор, средба со пријатели со кои одамна се немаа видено, ноќните мори станаа почести, а сугестивните соништа редовни.

Карантинот си го правеше своето, во многу наврати, соништата на некои луѓе беа поврзани со непозната болест, стравови, работи што не можеа да си ги објаснат или одгатнат.

Секако соништата се размислувања кои подлежат на биохемиски врски во нашиот мозок. Дневните окупации во секојдневието ги „претвораат“ соништата во она што навечер ни се чини како филм, интуиција, претскажување. Често не можеме да си го дешифрираме, но можеме да „следиме“ одредени повторувања, чисто за да дознаеме дали имаат некакво значење.

Најголем дел од сништата ни се случуваат во текот на РЕМ фазата, кога очите ни се движат забрзано напред-назад, а телото ни е подвижно.

Соништата се „градат“ низ ноќта, и како полека ја напуштаме РЕМ фазата, така и заплетот во сонот станува посилен, поемотивен, а асоцијациите се бизарни. Сите чудни комбинации на луѓе од вашите соништа се материјализираат во префронталниот кортекст, дел од вашиот мозок кој е задолжен за логично размислување. Тој е помалку активен додека сонуваме и од таму „слободата“ во сон да видите некој што не го знаете или некој чуден облик или форма.

Професионалците велат дека во нашиот мозок не постои сензор кој кажува што има, а што нема смисла во сонот. Визуелниот кортекс ја зголемува својата активност. Овие промени често доведуваат до надреални сценарија.

Сите сонуваат, луѓето кои велат дека не сонуваат, всушност не го паметат дејствието во сонот. Тие се во краткорочната меморија и брзо се „распрснуваат“. Најчесто ги паметиме интезивните сонови што нè разбудиле, кошмарни или „вивидни“. Анксиозноста кај луѓето, исто така, додава на живописноста на сонот.

Моментално не постои еден единствен соновник на основа на која може да се дешифрираат соништата. Значењата се индивидуални, и во многу различни култури, различни симболи укажуваат на различни чувства, сугестии или верувања.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author