18.10.2022 Скопје
Бидејќи премиерот Димитар Ковачевски со владина делегација е во посета на Обединетите Арапски Емирати, собранието денеска нема да отвори расправа за избор на Ристо Пенов од ЛДП за нов министер за локална самоуправа, иако според дневниот ред на 88-та седница е прва точка.
Расправата за избор на Пенов може да трае и неколку дена во зависност од тоа колку пратеници ќе се пријават за збор, а премиерот Ковачевски треба да биде присутен на оваа седница бидејќи тој е предлагач за нов министер за локална самоуправа.
Пратениците допрва ќе треба да го утврдуваат дневниот ред за денешната седница, а според најавите, прва ќе биде за избор на новите уставни судии, Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева.
Претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска, наведува дека се предложени двајца судии за да не се доведе во прашање остварувањето на надлежноста на Судот, Уставен суд веќе подолг период работи со пет од вкупно девет судии, а на 7 декември истекува мандатот на уште еден судија и со самото тоа Судот нема да има услов за да функционира, односно се заканува уставна криза.
Подготвено од М.Н.