https://scontent.fskp4-1.fna.fbcdn.net/v/t39.30808-6/289310291_590090802488892_964739144361751519_n.jpg?_nc_cat=104&ccb=1-7&_nc_sid=8bfeb9&_nc_ohc=vAdX5myvv30AX_717lL&_nc_ht=scontent.fskp4-1.fna&oh=00_AT_Ep-Ql_GOzXxUURu4l7EjEs87-oqjoTpIJ2UAE2jBbgg&oe=62D38E2B

14.10.2022 Скопје

Во најновиот Извештај за подготвеноста на Македонија за членство во ЕУ, најголемата забелешка е упатена кон Собранието, со критики за недоволното носење закони, премногу зачестеното користење на скратената постапка под европско знаменце, како и премалата употреба на институтот пратенички прашања.

Според вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, анализата на Извештајот покажува дека земјата има одржливи реформи и препознаен напредок, а според Стефан Андоновски, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, документот ја покажува системската негрижа на Владата за спроведување на реформите во општеството.

Бојан Маричиќ, вицепремиерот за евроинтеграции, истакна дека функцијата на Собранието е многу важен елемент од темата „Функционирање на демократските институции“, што постојано се наведува во европските извештаи, но сега сето тоа се издигнало на ниво на една од клучните три теми за кои ќе се прави патоказ за реформи. Воедно, вицепремиерот изјави дека, како главен преговарал, ќе држи подадена рака, особено кон Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава опозицијата. Според него, потребно е заедно со Националниот совет да дефинираат дали ова тело ќе има иста или поголема улога во преговорите со ЕУ, како и да ја договорат реформската агенда што Владата ќе ја предложи по усвојувањето на Извештајот.

На заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир, вицепремиерот оцени дека Македонија, како земја што преговара за полноправно членство и е во процес на скрининг, доби позитивен годишен извештај на Европската комисија, прв по отворањето на преговорите во јули годинава. Гир во своето обраќање посочи дека е потребен напор од сите политички партии за да се засили улогата на Собранието.

Стефан Андоновски, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека Извештајот не е позитивен и покажува дека кај Владата нема сериозна и суштинска посветеност на реформи. Воедно, додаде и дека во Извештајот е забележано криењето на власта од опозицијата и од граѓаните, односно повеќемесечното незакажување собраниски седници за пратенички прашања, што се рашири од пред локалните избори во 2021 година, па сè до април 2022 година.

Оценката за вкупната подготвеност на Македонија за 2022 година е „добро ниво на подготвеност“.

Во текот на вчерашниот ден, со реакција за Извештајот се јави и Либерално-демократската партија, која го поздрави позитивниот тон во документот.

Либерално-демократската партија соопшти дека она што е важно е дека има зголемено ниво на подготвеност за преземање на обврските за членство во поглавјето за заедничката надворешна безбедносна политика со ЕУ. Воедно, додадоа и дека голем напредок е што еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, презентирајќи го извештајот, истакна дека Северна Македонија го отпочна преговарачкиот процес со првата политичка меѓувладина конференција што одамна требаше да се случи и оти ова е пробив за земјата. Од партијата потенцираа дека се потребни заеднички и брзи напори од сите партии, со цел да се даде приоритет на зајакнатата улога на Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, особено во процесот на реформската агенда на ЕУ.

Според невладината организација „Фајненс тинк“, Извештајот на ЕК дава реална слика за македонската економија во постпандемискиот период и во енергетска криза, но овој пат е поизразен критичкиот тон кон клучните реформски приоритети што се повторуваат во секој извештај поради бавната реализација или нивното одложување. Воедно, истакнаа дека Извештајот ја нагласува потребата мерките за справување со последиците од енергетската криза да бидат таргетирани кон ранливите категории и кон компаниите. Забелешка е и широкиот дијапазон на даночните ослободувања што ги поткопува даночните приходи, а се дава и остра критика за отсуството на напредок во справувањето со сивата економија. Извештајот, според организацијата, укажува дека државната помош доделена на компаниите преку Планот за економски раст, како главен инструмент за хоризонтална помош, е нејасна, а државата не спровела оценка на нејзиното влијание.

Според Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика, тонот во Извештајот е позитивен, што се должи на пробивот во јуни и почетокот на скринингот, но загрижуваат негативните процени за капацитетите за управување со ЕУ-фондовите.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author