20.10.2022 Скопје

Во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2022 година се оценува дека работата на Парламентот беше нарушена со политичка поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони.

Европската комисија нотира дека пратениците треба да бидат активни и да имаат позитивна улога во процесот на преговори со ЕУ. Исто така, нотира дека се потребни заеднички и брзи напори од сите партии како приоритени чекори за зајакнување на улогата на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ.

Повторно се бара ограничување на употребата на носење на закони по скратена постапка.

Во извештајот се посочува дека надзорот врз извршната власт преку пратенички прашања до министрите треба да се спроведува поредовно, како и дека Парламентот треба без натамошно одлагање да ги спроведе договорените предлози за внатрешни реформи за време на третиот круг од „Дијалогот Жан Моне“ на почетокот на 2020 година.

Во својот извештај, Европската комисија забележува дека продолжи постапката за кривична одговорност за оние кои оркестираа или извршија насилство во нападот на Собранието, на 27 април 2017 година.

Европската комисија нотира дека во овој собраниски состав има најголем број на жени пратенички (50 од 120 односно 42 проценти), а бројот на пратеници од немнозинските заедници е непроменет (42 од 120- 35 проценти).

Во својата поопширна анализа, ЕК наведува дека по тешки и напнати дебати, Парламентот во јули 2022 година го усвоил предлогот што го отвори патот за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Како земја која преговара, Северна Македонија има нови можности и одговорности. Воедно, се посочува и на важноста од соработката меѓу власта и опозицијата за процесот за пристапување во ЕУ.

Во текот на извештајниот период, Парламентот остана главен форум за политички дијалог. Се нотира и дека во март 2022 година, Парламентот со меѓупартиски консензус усвои Декларација осудувајќи ги воените акти кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Опозицијата поддржа неколку закони и збир на економски мерки за справување со последиците од КОВИД-19.

Осврнувајќи се на Националниот совет за евроинтеграции, со кој претседава опозицијата, во Извештајот се потенцира дека ова собраниско тело има одговорност за обезбедување на широк консензус за агендата на ЕУ. Советот одржал три седници во текот на извештајниот период.

Остануваат предизвиците во однос на поефикасно планирање на процесот на донесување закони.

Собранискиот надзор над извршната власт продолжи со седум седници за собраниски прашања во 2021 година. Ваквите седници беа прекинати пред локалните избори во октомври 2021 година и продолжија дури во април 2022 година, повеќе од три месеци откако новата влада стапи на функција.

Се нотира дека за два предлога за недоверба на министрите од поранешната влада не се расправаше, откако новите министри ги преземаа тие ресори.

Пленумот и матичните комисии расправаа за годишни извештаи на регулаторни, мониторинг и надзорни тела.

Во Извештајот се наведува дека немаше значителен напредок во спроведувањето на преземените обврски во текот на третиот круг на „Дијалогот Жан Моне“ на почетокот на 2020 година.

Во однос на заштитата на човековите права и основните слободи, Парламентот одобри, со меѓупартиска поддршка, нова организација на Канцеларијата на Народниот правобранител. Клубот на пратенички и меѓупартиски парламентарни групи за млади, ЛГБТИК, лицата со хендикепираност и Ромите спроведоа бројни активности во тесна соработка со релевантните граѓански организации.

Во однос на уставните измени, се наведува дека „Парламентот и Владата се обврзаа да започнат и како приоритет да усвојат релевантни уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата“.

Политичките партии треба да ги подобрат и внатрешните демократски процеси. СДСМ по втор пат одржа директни избори за партиски лидер.

Северна Македонија спроведе сеопфатна реформа на своите разузнавачки служби. Сепак, како што се посочува во Извештајот, земјата треба да го зајакне својот капацитет за парламентарен надзор над разузнавачки служби.

Северна Македонија останува умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација. Постигна ограничен напредок во спроведувањето на минатогодишните препораки. ја усвои новата Програма за реформи 2022-2025 за управувањето со јавните финансии. Сепак, усвојувањето на законската регулатива за организација и работа на органите на државната управа и новата законска рамка за управување со човечки ресурси (ревизија на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавните служби и нов Закон за врвна раководна служба) беше одложено. Новата рамка има за цел да го подобри управувањето со човечките ресурси низ администрацијата и да обезбеди поголема сигурност за вработување засновано на заслуги, унапредување и отпуштање, вклучително и на ниво на повисоко раководство.

Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во решавањето на случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процес на вработување на службеници во јавниот сектор и при назначување членови на надзорни и управни одбори.

Во Извештајот на Европската комисија, во делот што ја опфаќа работата на Собранието, се нотира дека новиот Закон за буџети е донесен во септември 2022 година. По долги одложувања, новиот Закон за буџети, кој предвидува фискални правила и фискален совет, беше усвоен од Парламентот во средината на септември.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *