10.10.2022 Скопје
Град Скопје планира да оформи градска мрежа на мониторинг станици преку кои ќе се следи каков воздух дишат скопјани, во кои општини и во кои делови од градот е најзагаден воздухот. Поради тоа, во тек е јавен оглас за набавка на мониторинг-станици, а заинтересираните понудувачи до 14 септември треба да ги достават понудите, по што ќе следува јавно отворање.
Загадувањето во Скопје е проблем за кое со децении нема решение, а секоја зима, особено доколку нема ветар, а е магливо, отровите што ги дишат граѓаните достигнуваат концентрации неколкукратно повисоки од максимално дозволените граници. Како најголеми загадувачи се посочуваат греењето на дрва, сообраќајот, но и палењето на депонии и разни отпадни материи. Граѓаните и здруженијата, кои се залагаат за заштита на животната средина, постојано алармираат и апелираат да се преземаат мерки за да се спречи загадувањето што сериозно влијае врз здравјето.
Во изминатите неколку години, Град Скопје дава субвенции за инвертери и за печки на пелети со кои би се замениле печките на дрва, потоа субвенции за чистење оџаци, но и за велосипеди и електрични тротинети во обид да се поттикнат што повеќе граѓани да користат алтернативен превоз наместо авотомобил.
Со формирањето на градска мрежа на мониторинг станици, што беше една од заложбите на иницијативата „Зелен хуман град“, за која се изборија нивните двајца советници во градскиот Совет, треба да се има увид какво е загадувањето, односно квалитетот на воздухот на повеќе локации во Скопје.
Како дел од државната мониторинг мрежа за квалитет на амбиенталниот воздух, поставени се 18 фиксни и една мобилна мерна станица во различни градови, од кои во Скопје се само пет.
Мобилната мониторинг станица е во функција од 2017 година и се поставува во општини што не се опфатени со фиксните мерни станици во период од една година. Моментално, таа е поставена во општина Ѓорче Петров.
Во информациите за нивото на аерозагадување пласирани на веб-страната на Министерството за информатичко општество и администрација се вели дека е неопходно постоење на веродостојна и сеопфатна мрежа за мониторинг на концентрацијата на честичките за да се овозможи планирање на активностите за намалување на загадувањето.
Подготвено од А.Ѓ.