jsp protest

20.10.2022 Скопје

Денеска, скопјани нема да можат да ги користат услугите на јавниот градски превоз откако синдикатите на Јавното сообраќајно претпријатие вчера најавија дека од 04:30 часот наутро автобусите нема да возат.

Проблемот со неисплатените плати на вработените во ЈСП, вчера, беше тема и на вонредната седница на Советот на Град Скопје, каде доцна попладнето беше изгласана иницијативата со која се побара од градоначалничката на Град Скопје до петок до 12 часот да достави одлука за прераспределба на средства за да се исплатат платите.

Од синдикатите изјавија дека градоначалничката Данела Арсовска, ќе мора ваквата одлука да ја донесе уште денес, затоа што петок е многу доцна. Следната седница на Советот е закажана за петок во 14 часот, но постојат можности и денеска да биде свикана вонредна седница на градскиот Совет доколку биде доставена одлуката.

Вчера, синдикатите ја напуштија седницата на Советот револтирани дека нема договор за нивните барања.

Миќо Стојановски, претседателот на синдикалната организација на ЈСП, вчеравечер изјави дека репрезентативните синдикати на ЈСП биле присутни на вонредната седница на Советот на Град Скопје и очекувале брз и експресен одговор по иницијативите што ги даваа политичките партии дека одредени средства ќе се префрлат на сметката на ЈСП и ќе се исполнат обврските кон вработените. Воедно, истакна дека сагата продолжила до нешто пред 17 часот кога барале збор од спикерот и не го добиле, по што седницата на Советот се прекинала за да може да одговорат што ќе преземат синдикатите во текот на денешниот ден.

Вчера, советниците во Град Скопје меѓусебно се обвинуваа кој е виновен за состојбата во која е доведено ова јавно претпријатие. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од Арсовска, а од СДСМ обвинија дека за првпат скопјани ќе останат без градски превоз и дека за тоа е виновна локалната власт.

Раководството на ЈСП, вчера, со неколку автобуси ја блокираше и улицата пред Владата поради неисплата на долг од два милиони евра, а вработените протестираа во кругот на претпријатието поради неисплата на заостаната плата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author