https://www.facebook.com/photo?fbid=646820293481580&set=pcb.646820406814902

04.10.2022 Скопје

Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, изјави дека државата е целосно подготвена доколку има каква било потреба за прифаќање на украинските бегалци.

Министерот Спасовски посочи дека државата има активирано Директива за привремена заштита и покрај тврдењата на Здружението на млади правници дека Македонија, заедно со Косово и Босна и Херцеговина ја немаат активирано таа директива. Воедно, додаде дека во Македонија има влез на околу 21 илјада украински државјани, кои се во роднински или пријателски врски со наши државјани, а дел од нив работат во ИТ компании кои доаѓаат тука. Има само мал број на лица коишто поднеле барање и им се издава престој од хуманитарни причини.

Од Македонското здружение на млади правници посочија дека располагаат со бројка од неколку илјади Украинци, кои претстојуваат и се соочуваат со сериозни потешкотии во земјава.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, информира дека во Северна Македонија се присутни околу 250 до 300 лица од Украина. Исто така, додаде дека за нив комплетно се грижи Црвениот крст во смисла на помош и поддршка во делот на хуманитарните потреби и здравствената грижа, како и дека се подготвени и имаат обезбедени средства и луѓе, за да им се излезе во пресрет на украинските бегалци.

Спасовски, во однос на бројката од над пет милиони бегалци, кои се наоѓаат на територијата на Турција, смета дека се потенцијален проблем и за нашата држава, но и за регионот и Европската Унија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author