https://www.facebook.com/photo/?fbid=671236807700566&set=pb.100044427579784.-2207520000..

14.10.2022 Скопје

На денешниот настан „На европскиот пат. Нови реформи, нови можности!“, претседателот Стево Пендаровски порача дека преговорите се можност за намалување на евроскептицизмот преку враќањето на Европската Унија на голема врата кај нас и во регионот, потенцирајќи дека тоа може да се постигне само преку поголема видливост на Унијата со своите механизми, иницијативи, критики и структурни фондови. Претседателот истакна дека граѓаните треба да ја чувствуваат Унијата, не како далечно, безлично бирократско тело, туку како нивен сојузник во напорите за подобар живот во Северна Македонија.

Според Пендаровски, најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија доаѓа во време на растечки евроскептицизам меѓу македонските граѓани поради забавените евроинтеграции. Воедно, Пендаровски смета дека единствено, континуитетот во преговорите може да ја промени ваквата состојба.

Претседателот Пендаровски не ја исклучува можноста од идни провокации од политички субјекти со анахрони погледи и непринципиелни и неевропски барања кои задираат во нашите идентитетски прашања.

За продолжување на преговорите, според Пендаровски, ќе биде неопходен државен консензус за уставните измени и во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање, затоа што овој процес треба да се одвива онолку време колку што е потребно за да не се отвораат нови рани во ткивото на македонската нација.

Пендаровски порача дека сите треба да дадат свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, преку Владата, претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор до медиумите.

Според претседателот Стево Пендаровски, преговорите за членство ќе бидат стабилизирачки фактор не само за нашата држава, туку и позитивен сигнал за целиот регион.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author