11.10.2022 Скопје
Рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, се договорија да формираат нови заеднички трупи на самата граница со Украина, што ги зголеми стравувањата од нова копнена инвазија на Киев.
Претседателот Лукашенко, на состанокот со неговиот совет за безбедност, потврдил дека белоруската и руската армија концентрирале дополнителни војници поради тензијата на белоруската граница со Украина.
Лукашенко не прецизираше колку белоруски војници ќе распореди или каде точно ќе бидат испратени, но оваа изјава е најблиску до шпекулациите за испраќање војници во Украина.
Откако украинските градови претрпеа разорни напади и главниот град Киев беше бомбардиран за првпат од пролетта, Путин коментираше дека тоа е одмазда за украинскиот напад на мостот на Крим.
Белорускиот претседател , кој речиси беше соборен од националните протести во 2020 година, и нареди на армијата да подготви сместување за неколку илјади руски војници кои ќе пристигнат во Белорусија во наредните денови. Овие трансфери би можеле да бидат застрашувачки знак дека Москва повторно ќе се обиде да го опколи Киев.
Белорусија, исто така, служеше како „отскочна даска“ за инвазијата во февруари, дозволувајќи им на руските војници да поминат низ белоруска територија и да навлезат во северна Украина за да ги нападнат предградијата на Киев.
Во понеделникот, Украина ја обвини Русија дека користела беспилотни летала камикази, лансирани од Белорусија. Украинската армија соопшти дека во некои од смртоносните напади изведени вчера, уништени се девет беспилотни летала лансирани од Белорусија и Крим.
Белорускиот претседател Лукашенко, пак, ја обвини Украина дека има намера да ја нападне Белорусија, што се смета како нереален аргумент и изговор со кој тој сака да го оправда новото распоредување војници.
Советникот на украинскиот претседател, Михаил Подољак, го обвини Лукашенко за продажба на последните делови на белорускиот суверенитет на Русија.
Во понеделникот, Европската комисија ја предупреди Белорусија да се воздржи од помагање на Русија, повикувајќи го официјален Минск да се откаже од какво било мешање во бруталниот, нелегитимен потфат на Москва, што ги крши и Повелбата на ОН и меѓународното право.
Подготвено од А.Ѓ.