https://www.flickr.com/photos/usnavy/36083377444/in/photolist-WYyJZj-pdK5cg-ju9JAC-2nEmph7-2mjRPt3-2dZxiuv-PhMayE-2nJNYTw-24WBPMB-9TciGk-2ju1zrw-AKyUP8-2kZAXt5-9Tck1g-2nb6Mni-2mMhxrL-2mtUtMV-2hyE993-9Tci9n-2k7D1bS-28iv5tw-2nM8KCD-eYCNeq-AzpGJK-MpsVsG-2mwJgMJ-2njGJTx-2isA41S-2joUkUS-21yJaCj-2441wVz-2iYYA2m-4YU84S-2mRuso7-2mmaFnP-amTuHa-2jTnXib-2kzPNbS-2nMdV6y-2iqDGQR-2nJPXfB-2mbGcc8-2acnNvq-2hbt7sm-2iYX116-2dHzDNP-Hpzir6-2bM97Qe-s6ZeWB-2ithvv6

04.10.2022 Скопје

Портпаролот на Стејт департментот изјави дека американскиот државен секретар Антони Блинкен, заедно со министрите за надворешни работи на Јапонија и Јужна Кореја, остро го осуди лансирањето на балистичка ракета од Северна Кореја.

Портпаролот Нед Прај соопшти дека тројцата го осудија и непочитувањето на резолуциите на Советот за безбедност на ОН од страна на Северна Кореја и длабоко дестабилизирачките последици од тоа за регионот.

Американскиот државен секретар Блинкен истакна дека посветеноста на Америка за одбрана на Јужна Кореја и Јапонија останува силна и ја повтори важноста од блиска трилатерална соработка за да се бара одговорност од Северна Кореја за нејзиното неприфатливо однесување.

За прв пат по пет години, нуклеарно вооружената Северна Кореја денес истрела балистичка ракета над Јапонија, со што ги предупреди своите граѓани да се засолнат.

Јапонската влада издаде предупредување до граѓаните додека ракетата ја прелета земјата, пред да падне во Тихиот Океан.

Токио соопшти дека нема преземно одбранбени мерки за уништување на ракетата, прва што прелета над островите од 2017 година. Владиниот портпарол Хирозаку Мацуно истакна дека серијата акции на Северна Кореја, вклучително и повторените лансирања на балистичките ракети, го загрозуваат мирот и безбедноста на Јапонија, регионот и меѓународната заедница и претставуваат сериозен предизвик за целата меѓународна заедница, вклучително и Јапонија.

Воениот штаб на Јужна Кореја соопшти дека станува збор за проектил со среден дострел лансиран од севернокорејската провинција Јаганга. Пјонгјанг веќе ја искористи областа за лансирање на своите ракети, вклучително и неколку за кои тврдеше дека биле хиперсонични.

Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, остро го осуди севернокорејското лансирање на балистичка ракета што прелета над Јапонија, нарекувајќи го неоправдана агресија. Мишел, воедно, истакна дека ова лансирање ракета, што го поттикна Токио да го активира својот систем за предупредување, е намерен обид да се загрози безбедноста на регионот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author