26.10.2022 Скопје
Денеска, бугарскиот претседател Румен Радев ја почнува серијата консултации во рамките на уставната процедура за формирање на нова влада на Бугарија.
Први на консултации ќе бидат повикани претставници од најголемата партија во Народното собрание, ГЕРБ-СДС.
Бугарскиот претседател Румен Радев најави дека нема да брза со консултациите и давање на мандатите, бидејќи 48. Народно собрание на Бугарија има за завршување многу работа. Воедно, најави дека очекува партиите да ја преземат својата одговорност и да не ја дозволат грешката на 47. Народно собрание.
Според Радев, треба внимателно да се разгледа законот за државниот буџет на Бугарија и многуте други закони кои чекаат да бидат усвоени и кои се важни за постигнување економска и социјална стабилност.
За евентуалното формирање малцинска влада од новиот бугарски Парламент, претседателот Радев коментираше дека тоа целосно зависи од тоа околу кои приоритети и принципи ќе се обединат партиите за интеракција во рамките на парламентот и парламентарните механизми, за да може да функционира малцинскиот кабинет.
Според бугарскиот претседател Радев, за буџетот на Бугарија за 2023 година има неколку важни приоритети, а тоа се да нема намалување на социјалните плаќања, платите и пензиите, како и да не се зголемува буџетскиот дефицит и да не се дозволи продлабочување на должничката спирала и да не се дозволи расправата за буџетот да се претвори во пазар за предизборно наддавање, што би било крајно опасно.
Томислав Дончев, заменик-претседателот на ГЕРБ и пратеник на пратеничката група на ГЕРБ-СДС, изјави дека тие ќе отидат на консултациите, а истакна дека треба да му се даде шанса на 48. Народно собрание на Бугарија.
Според Дончев, ако шансата се изразува со давање уште малку време, во однос на барањето на бугарскиот претседател да не брза со консултациите и распределбата на мандатите, тие како пратеници ќе имаат итни задачи да се одлучат како за буџетот за следната година, така и за Планот за закрепнување и отпорност и неопходните мерки за ублажување на кризата.
Дончев, исто така, истакна дека најдобрата опција е буџетот за 2022 година да се продолжи до март-април, а беше создаден во владата на Кирил Петков, и на тој начин да и се даде минимална можност за комфор на една техничка влада на Бугарија да ги извршува нејзините основни функции и да може да им пружи помош на домаќинствата и деловните субјекти во текот на зимата.
Според Дончев, постои огромен ризик буџетот на Бугарија за 2023 година да се претвори во предизборно мерење на силите. Додека пак, најважни прашања пред бугарските граѓани се обезбедувањето континуирана помош за стопанствениците поради високите цени на струјата и помошта за социјално слабите групи.
Подготвено од А.Ѓ.