31.10.2022 Скопје
Денеска во Софија е потпишан договор за снабдување со гас на Република Северна Македонија преку Бугарија, меѓу ГА-МА и Булгартрансгас, односно Договор за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на Интерконективна точка Ќустендил-Жидилово.
Договорот го потпишаа извршниот директор на ГА-МА АД Скопје, Александар Арсиќ и извршниот директор на Булгартрансгаз, Владимир Малинов, а присуствуваше и извршниот директор на Национални енергетски ресурси АД Скопје, Бајрам Реџепи.
Потпишувањето на овој договор е од големо значење бидејќи отвора можност за зголемување на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, како и ослободување на дополнителни капацитети за користење од повеќе снабдувачи, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешното потпишување на договорот во Софија.
Почетокот на имплементација е договорен да биде од 1 јануари 2023 година, а периодот до почетокот на имплементацијата ќе биде искористен како тест период помеѓу двата оператори, за да се разработат сите процедури на работа, а во меѓувреме да се потпишат и нови договори со снабдувачите и корисниците и да се усвојат нови правила за работа.
Подготвено од М.Н.